БУКУРЕШТ И ТРАНСИЛВАНИЈА
ТЕРМИН: 04.12. - 08.12.2026
Божиќниот базар во Букурешт е само една од причините зошто вреди да се посети главниот град на Романија во зима. Букурешт за време на Божиќ е неверојатен, како вистинска бајка! Малите дрвени куќички во кои се продаваат храна, сувенири и греено вино, поставени низ целиот град, празничните песни и светилките што го украсуваат градот го прават Букурешт спектакуларен. Времето во декември е исто така прилично пријатно, а температурите не се толку ниски како во некои други европски градови.
Програма:
ПРВ ДЕН – 04.12.2026 (ПЕТОК) – СКОПЈЕ – БУКУРЕШТ
Состанок на групата на паркингот кај хотел „Русија“. Поаѓање кон Романија во 20:00 часот. Ноќно возење преку Бугарија до Романија.
ВТОР ДЕН – 05.12.2026 (САБОТА) – БУКУРЕШТ
Очекувано пристигнување во Букурешт во утринските часови, по што веднаш започнуваме со разглед на градот.
Палатата на Парламентот
Разгледот на Букурешт го започнуваме со водич и се упатуваме кон една од најимпозантните градби во градот – Палатата на Парламентот, порано позната и како Палата на народот. Слободно време за фотографирање пред ова импозантно архитектонско дело.
Плоштадот на Револуцијата
Следува посета на Плоштадот на Револуцијата, каде што ќе се запознаеме со богатата историја на Букурешт. Овој плоштад стана светски познат за време на настаните поврзани со падот на режимот на Николае Чаушеску.
Плоштадот е опкружен со важни знаменитости: Кралската палата, во која денес се наоѓа Националниот музеј на уметноста, Романскиот атенеум, Централната универзитетска библиотека, црквата Крецулеску и почетокот на познатата авенија Викториеи.
Calea Victoriei
Продолжуваме со кратко возење по авенијата Calea Victoriei, една од најстарите и најшармантните улици во Букурешт. По оваа рута се наоѓаат голем број значајни историски и архитектонски знаменитости: Палатата CEC, Националниот музеј на историјата, Палатата на националниот војнички круг, Националниот музеј на уметноста и плоштадот Викториеи.
Продолжуваме кон плоштадот Унири, од каде што ја посетуваме Патријаршиската катедрала, со нејзиниот впечатлив византиски ентериер и иконостас.
Куртија Веке
Слободно време за разглед на најстариот дел од градот – Куртија Веке, поврзан со периодот на владетелот Влад Цепеш – Дракула, како и со денес познатата и шармантна област Липскани.
Овде најавтентично се чувствува живописниот карактер на Букурешт – контрастот помеѓу старото и новото, Истокот и Западот, како и богатата историја на градот.
Сместување во хотел. Слободно време за одмор. Во вечерните часови следува организирана факултативна посета на Божиќниот маркет, со организиран превоз и придружник. Враќање во хотел. Ноќевање.
ТРЕТ ДЕН – 06.12.2026 (НЕДЕЛА) – ПЕЛЕШ – БРАН – БРАШОВ
Појадок. По појадокот се упатуваме на факултативен излет кон Трансилванија. Следува посета на прекрасниот замок Пелеш, замокот Бран и магичното гратче Брашов.
ПЕЛЕШ
Во прекрасниот планински пејзаж на Карпатите е сместена една од најдобро зачуваните кралски палати – грандиозниот замок Пелеш.
Изграден како летна резиденција на првиот романски крал, замокот претставува комбинација од различни класични европски стилови, со италијанска елеганција, германска естетика и ренесансни линии.
На површина од околу 3.200 квадратни метри се простираат 170 соби, уредени во различни стилови. Дворецот поседува и прекрасна колекција на уметнички дела, оружје, мебел, витражи, таписерии и порцелан.
БРАН – „ДОМОТ НА ДРАКУЛА“
Бајковитиот замок Бран е познат како легендарниот „дом на Дракула“, инспириран од романот на Брам Стокер.
Историски, замокот најпрво бил користен за одбрана, а подоцна станал важна точка на планинскиот премин помеѓу Трансилванија и Влашка. Иако Влад Цепеш никогаш не живеел во овој замок, местото денес е нераскинливо поврзано со легендата за Дракула.
Од 1920 година замокот станал кралска резиденција и дом на кралицата Марија. Денес претставува музеј во кој историјата, митовите, легендите и мистичната атмосфера создаваат посебно доживување за посетителите.
БРАШОВ
Брашов се наоѓа во централниот дел на Романија, опкружен со Јужните Карпати. Познат е и како „Градот на Саксонците“, а неговиот Стар град е еден од најдобро зачуваните во регионот.
Архитектурата на градот ги отсликува различните историски влијанија. Центарот е препознатлив по Casa Sfatului и прекрасниот плоштад што ја опкружува.
Во близина се наоѓа и познатата Црна црква, една од највпечатливите знаменитости на Брашов. Враќање во хотелот во Букурешт. Ноќевање.
ПОСЛЕДЕН ДЕН – 07.12.2026 (ПОНЕДЕЛНИК) – ТЕРМАЛНИ БАЊИ – СКОПЈЕ
Појадок. Напуштање на хотелот. Околу 10:00 часот следува факултативно заминување кон Термалните бањи, кои се наоѓаат во северниот дел на Букурешт, на околу 30 км од центарот на градот.
Дозволете си едно поинакво утро и 3 часа целосно опуштање во Термалните бањи. Комплексот располага со базени со термална вода, сауни, парни бањи, водени лизгалки и прекрасна ботаничка градина со голем број егзотични растенија и палми. За патниците кои нема да ги посетат Термалните бањи е предвидено слободно време во трговски центар. Поаѓање за Македонија во договорено време со придружникот.
Очекувано пристигнување во Скопје во раните утрински часови на 08.12.2026 (вторник).